СОЈУЗ НА СПЕЦИЈАЛНИ ЕДУКАТОРИ И РЕХАБИЛИТАТОРИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (ССЕР)

Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија е невладина, стручна и хуманитарна организација во која волонтерски се приклучуваат специјални едукатори, логопеди, специјални педагози и други стручни лица кои работат со лицата со попреченост. 

ССЕР е формирана далечната 1956 година и денес брои вкупно 280 учесници во организацијата. Секој проект што го спроведува ССЕР има за цел да ја подобри социјалната заштита, здравствената заштита и образованието на лицата со попреченост.

И покрај сите нивни многубројни проекти кои се однесуваат на лицата со попреченост и подобрување на нивната социјална вклученост во заедницата, еден од најзначајните проекти на ССЕР е „Пилотирање на новиот модел за функционална проценка за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка базиран на Меѓународната класификација на функционирање, попреченос и здравје (МКФ) финансиран од Канцеларијата на УНИЦЕФ, Скопје. Во текот на овој проект, ССЕР успеа целосно да ја имплементира МКФ во Северна Македонија и да отвори едно национално тело и две регионални стручни тела со седиште во Скопје, кои беа преземени под ЈЗУ Здравствен дом Скопје.

ССЕР спроведе и голем број обуки за МКФ под активно менторство на д-р Манфред Претис (експерт за МКФ). Организацијата обучи 69 професионалци за спроведување на фукционална проценка базирана на МКФ и го запозна МКФ со 380 лица преку одржување работилници за наставници, инклузивни тимови и вработени од Центрите за социјална работа и други јавни институции на територијата на РСМ преку финансиска поддршка од УНИЦЕФ Скопје.

ССЕР формираше уште три регионални стручни тела во Струмица, Битола и Гостивар за спроведување на функционални проценки базирани на МКФ. Имплементацијата на МКФ на територијата на РСМ е во тек. ССЕР сега организира обуки за уште 64 професионалци и е во процес на отворање на уште четири Регионални стручни тела во Источниот, Североисточниот, Југозападниот и Вардарскиот регион на територијата на РСМ.

Во текот на имплементацијата, спроведени се досега 462 функционални проценки на деца/млади со попреченост.

За повеќе информации поврзани со организацијата, посетете нѐ на www.sojuzser.org