Лични аспекти
- 1. Лични податоци: Мартин е машко дете на 9 годишна возраст со уреден надворешен изглед. Ученик е во трето одделение. Сака да свири на синтисајзер, посетува и основно музичко училиште. Вози тротинет и велосипед со помошни тркала. Се плаши од темно и кучиња.
Анамнеза: Се добива податок од мајката дека Мартин е прво од вкупно две деца во семејството (има помала сестра). Роден е во термин со цезареа од уредно контролирана бременост. На 14 месечна возраст откако проодел родителите забележиле дека е многу хиперактивен, не бил заинтересиран за игра со деца, покажувал ограничен интерес за играчки. На 2,5 годишна возраст тргнал во градинка, таму бил добро адаптиран, но не покажувал интерес за игра со другите деца. Поради ваквата состојба се јавиле на преглед кај педијатар, биле направени бројни иследувања и била поставена дијагноза: недостаток во очекуваниот физиолошки развој. Во тој период бил отпочнат третман кај специјален едукатор и рехабилитатор, приватно, кој сеуште трае. Се добива податок од мајката дека третманот дал доста добри резулати како во однос на говорот така и во однесувањето. Во прво одделение наставата ја посетувал со помош на личен асистент каде што останувал по 2 часа. Во второ одделение на училиште поддршка добивал од неговата мајка.
Развојни фази: Проодел на 14 месечна возраст, почнал да зборува на 2години и 10 месеци, функција на сфинктери воспоставил на 3 години. - 2. Лични податоци: Сашо е машко дете старо 8 години, ученик во II одделение. Сака да реди лего коцки и да му помага на таткото при работа во домот.
Анамнеза: Сашо е второ дете од трета по ред бременост. Втората бременост завршена во осми лунарен месец со интраутерина смрт на фетусот. Роден е во термин во болница и веднаш по раѓање поради лицева аномалија (расцеп на уста и непце) префрлен на клиниката за детски болести. На возраст од 9 месеци во Германија е извршена хируршка интервенција на вродената аномалија. Семејството со статус на азиланти престојувало во Германија 4-5 години и во тој период се извршени неколку хируршки интервенции кај Сашо. Планирана е уште една интервенција на возраст до 10-11 години. Додека живееле во Германија. Сашо посетувал градинка каде со него еднаш неделно работел логопед. По враќањето во Македонија, Сашо се контролира на клиниката за уво, нос и грло. По кажување на мајката, Сашо нема други здравствени проблеми. Не носи апаратче за слушање. Последните 2-3 недели на училиште му помага образовен асистент за кого мајката претпоставува дека е доделен од локалната самоуправа.
Развојни фази: Проодел на 1 година. Зборува од 2 години, на почеток неразбирливо. Преку ден пелени не носи од 1 и пол година. Кај Сашо постои ноќно мокрење поради што преку ноќта носи пелени. - 3. Лични особини: Анета е девојче на возраст од 10 години и 7 месеци, ученичка во ОУ. Анета сака прошетки, сака да пее и да раскажува по слики од книги.
Анамнеза: Анета е второ дете од втора по ред бременост, родена спонтано, во 36 ГН. На возраст од два и пол месеци кај Анета е дијагностицирана конгенитална обострана дислокација на колк која оперативно е третирана во болнички услови. Ортопедски помагала после опрацијата носела до три годишна возраст. Поради чести бронхоопструкции неколку пати била хоспитализирана. Во февруари 2012 година била хоспитализирана на оддел неврологија за иследување поради прв афебрилен напад. Антиепилептична терапија не примала. После 2012 година продолжила со редовни контроли еднаш годишно за следење на развојот. Спроведувана физикална терапија во 2014 година. Во 2016 година дадена препорака за носење очила. Иследувана и од ендокринолог поради низок раст.
Развојни фази: Проодела на 3 и пол години. Почнала да гуга на 6 месеци, да се смее и да препознава познати лица после 6 месеци. Зборува од 3 години најпрво со бебешки говор кој го разбирале само членовите на семејтсвото. Од 4-5 години откако почнала да посетува градинка формира јасни реченици. Контрола на функција на сфинктери родителот не помни кога е воспоставена. - 4. Лични особини: Мерјеме е девојче на возраст од 11 години и 4 месеци, ученичка во седмо одделение, сака да игра одбојка и да слуша музика.
Анамнеза: Мерјеме е прво дете од прва по ред бременост, родена во 29 ГН со царски рез, со РТ=1900 гр. Нотиран е еден месец престој во инкубатор на единицата за интензивна нега на Гинеколошко-акушерска клиника. Од 2016 година прима антиепилептична терапија поради парцијални напади кои се манифестираат со згрчување на десната нога. Нестабилна во однос на нападите. Терапијата неколку пати е менувана.
Развојни фази: Проодела на 1 година и 6 месеци. Прозборела на 1 и пол година. Сфинктери контролира од 3-4 години. - 5. Лични особини: Машко дете на 9 годишна возраст со уреден надворешен изглед. Љубопитен. Сака да вози велосипед.
Анамнеза: Се добива податок од мајката дека Љубен е прво дете од вкупно две деца во семејството (има постар брат). Бременоста на мајката била уредно контролирана, роден е во термин по природен пат. Се добива податок од мајката дека на 3 годишна возраст забележала дека има некаков проблем во развојот, недостасувал говорот, бил многу љубопитен и хиперактивен. Поради тоа се јавиле на преглед кај детски психијатар каде биле направени преглед и иследувања (ЕЕГ). Била ординирана терапија и бил препорачан дефектолошки третман кој сеуште се спроведува. На 4 годишна возраст почнал да оди во градинка каде бил добро адаптиран ,но постојано бил хиперактивен (немирен, непослушен, постојано ги задевал другите деца), но покажувал интерес и сакал да игра сам. Две години по ред бил во прво одделение поради семејна преселба ( родителите сметале дека така е подобро за негова полесна адаптација во новата средина). Во второ одделение наставата ја следел во придружба на неговата мајка од која се добива податок дека со нејзина помош и насочување имал подобро внимание и релативно добро ја следел наставата. И покрај нејзиното присуство се случувало да го напушта часот, да излезе од училиштето. Последниве неколку месеци покажува поголема заинтересираност за комуникација со своите врсници.
Развојни фази: Проодел на 14 месеци, првите зборови ги кажал на 3,5-4 години. Функција на сфинктери воспоставил на 4 години. - 6. Лични особини: Наташа е девојче на возраст од 8 години и 3 месеци, и е второ одделение. Таа сака да си игра со своите домашни миленичиња, сака многу да комуницира, да разговара со другите и да гледа разни забавни содржини на телефон.
Анамнеза: Според мајката Наташа е нејзино трето дете (таа има две сестри на 13 и 14 години). Бременоста со Наташа била проблематична и поради прерано одлепување на плацентата е родена во 7 месец од бременоста со итен царски рез со ТТ=1270гр. (за РД мајката не е сигурна). Потоа Наташа била ставена во инкубатор 40 дена. Не е доена. Првите проблеми во врска со нејзината состојба родителите ги забележале на нејзина 9 месечна возраст кога почнале да ја ставаат да седи, но не можела да седи бидејќи немала стабилност и се навалувала кон една страна. Тогаш побарале лекарска помош при што започнале со физијатриски третмани од 14 месечна возраст. На училиште е запишана една година подоцна поради оперативниот зафат во Турција. Од почетокот на школувањето е со образовен асистент. Инаку, за нејзината состојба треба да вежба и да добива физијатриски третмани, но во текот на пандемијата не ги добива тие третмани.
Развојни фази: Проодела на 2 години, одела на прсти поради што носела посебни чизми, прозборела на 1 година. Контрола на сфинктери најпрво воспоставила на 6 години, но поради оперативниот зафат повторно носела пелени бидејќи не смеела да станува. Од пред 7-8 месеци воопшто не носи ни преку вечер пелени. - 7. Лични особини: Михајло е машко дете на возраст од 8 години и 4 месеци, ученик во II одделение. Сака да помага во бербата на грозје.
Анамнеза: Михајло е трето дете од четврта по ред бременост (трета бременост завршена со спонтан абортус), роден во термин, спонтано, без податок за перинатален проблем. На возраст од 4-5 години поради проблеми со говорот бил прв пат прегледан од детски психијатар каде редовно се контролирa до почетокот на Kовид пандемијата. Проблеми со говорот постојат и кај други членови на семејството (постарата сестра на Михајло и братот на таткото). Направена е магнетна резонанса на глава која била уредна по кажување на таткото. Логопед воопшто не посетувал. Домашната работа ја пишува со помош на таткото.
Развојни фази: Самостојно оди од 18 месеци. Од 2-3 години контролира сфинктери. Почнал да зборува пред 1,5-2 години. - 8. Лични особини: Самир е машко дете на 8 годишна возраст со уреден надворешен изглед. Ученик е во второ одделение. Плива и скија.
Анамнеза: Се добива податок од мајката дека Самир е прво дете од вкупно две деца во семејството (има помал брат). Роден е во 35 г.н. поради висок крвен притисок на мајката (прееклампсија) со цезареа. Десет дена после раѓањето одбивал да цица поради што губел во телесна тежина. Поради тоа бил хоспитализиран во период од една недела каде им била дадена препорака за дохрана со адаптирано млеко. На 18 месечна возраст мајката забележила дека не се врти на име, има послаба мускулатура. Поради ваквата состојба мајката ангажирала специјален едукатор и рехабилитатор три пати во неделата по еден час. Третманите траеле до негова 3 годишна возраст. Во тој период се јавиле на преглед кај детски психијатар каде им било кажано дека има тешкотии со говорот. Било направено ЕЕГ кое според мајката било со уреден наод. Потоа третманите со специјален едукатор и рехабилитатор продолжиле приватно три пати неделно. Од третманите имало доста подобрување во однос на говорот, имал подобрување во однос на внимание и концентрација. Од 20 месечна возраст почнал да оди во градинка, таму лесно се адаптирал, но имал тешкотии во социјализацијата. Не покажувал интерес да се вклучува во групните активности. Во прво одделение наставата ја посетувал во почетокот самостојно, но поради тоа што бил раздвижен родителите ангажирале образовен асистент. Со асистентот остварил многу добра релација и се следел напредок во учењето.
Развојни фази: Мајката дава податок за репетитивно однесување. Играта е стереотипна. Проодел на 17 месеци, почнал да зборува на 4,5 години, функција на сфинктери воспоставил на 4 годишна возраст. - 9. Лични особини: Маја е девојче на возраст од 6 години и 8 месеци, ученичка во I одделение. Сака да плива, да моделира со пластелин, да слуша музика и да танцува. На Маја и сметаат гласна музика и бучава.
Анамнеза: Маја е второ дете од втора по ред бременост, родена во термин со царски рез и без податок за перинатален проблем. На возраст од 1 година мајката забележала дека не реагира кога ќе биде повикана. Не реагирала и при контакт со познати лица и членови на семејството. Во рана возраст слушала и гледала содржини на англиски јазик. После втората година започнала да зборува, но само на англиски јазик. Консултиран бил логопед и однесена на преглед кај детски психијатар (нема медицинска документација). Од 4 годишна возраст извршува наредби. На барање на мајката на Маја и е доделен образовен асистент. Посетувала логопед до почетокот на Ковид пандемијата. Од почетокот на школската година работи со специјален едукатор и рехабилитатор во училиштето пет пати неделно.
Развојни фази: Самостојно оди од 1 година и 2 месеци. Сфинктери контролира од 3 години. Пред втората година од животот изговарала две -три двосложни зборчиња како ма-ма. На 2 години почнала да зборува со комплетни реченици на англиски јазик. - 10. Лични ососбини: Огнен е момче на возраст од 14 години и 5месеци, ученик во VIII одделение. Се плаши од кучиња. Сака да присуствува на спортски настани од секаков вид, сака да слуша музика, да чита и се дружи со други деца.
Анамнеза: Огнен е прво дете од прва по ред бременост, роден е во термин, со вакум екстракција во болница. Веднаш после раѓање е префрлен на единицата за интензивна нега на клиниката за детски болести каде престојувал 2-3 недели. До едногодишна возраст редовно се контролирал на клиниката за детски болести. Откако родителите забележале дека има проблем со моториката започната е физикална терапија која во тек на првите пет години се спроведувала шест пати неделно. Неколку пати на физикална терапија бил и во специјализиран центар. До почетокот на Ковид пандемијата со Огнен работел специјален едукатор и рехабилитатор два пати неделно кого родителите приватно го плаќале. Сега таков третман добива на училиште. Во домот Огнен носи ортопедски помагала и тоа корсет и помагало за рака.
Развојни фази: Самостојно седи од 2 години. Зборува од 2 години. Сфинктери контролира од 2 години. - 11. Лични ососбини: Елена е девојче на возраст од 7 години и 8 месеци, со присутни лицеви дизморфични стигмати карактеристични за Даунов синдром. Ученичка е во 2 одд. Многу сака да си игра и да другарува со другите деца од кои исто така е многу добро прифатена и кои внимаваат на неа.
Анамнеза: Се добива податок од мајката дека Елена е трето дете по ред (има двајца постари браќа на 23 и 22 години). Бременоста била уредно контролирана, но без извршена амниоцентеза. Родена е во 38 Г.Н. спонтано со главична презентација, со ТТ = 2850гр., РД = 48см, АПГАР 9/10. Поради конгениталните проблеми со срцето оперирана е двапати и тоа на 4 месечна возраст и на 2 годишна возраст. Во однос на кардиолошкиот проблем, родителите редовно ја носат на контрола на секои 6 месеци на Клиника. Покрај овој проблем Елена има проблеми и со бубрезите и со очите и чести респираторни инфекции (поради што била и често хоспитално лекувана). Родителите ја носат на редовни соодветни контроли. Елена има и проблеми со говорот, при што 4 години оди на третман кај приватен логопед. Одела во градинка, но поради честите инфекции родителите ја отпишале. На училиште добро се снаоѓа со врсниците и сака да се дружи и да игра со нив.
Развојни фази: Проодела пред да наполни 2 години, но по втората операција бидејќи не смеела да се движи повторно учеле да одат по закрепнувањето. Почнала да зборува на 3.5 годишна возраст. Контрола на сфинктери воспоставила на 3 годишна возраст. - 12. Лични особини: Калин е машко дете на возраст од 11 години и 4 месеци, ученик во VI одделение. Вози мал багер и велосипед. Сака да биде водоинсталатер. Посетува часови во музичко училиште за инструмент пијано. Дома има синтисајзер.
Анамнеза: Калин е второ дете од трета по ред бременост (втора бременост завршена со спонтан абортус) која поради гестоза кај мајката е завршена со предрвремено породување во 32 ГН со царски рез. Престојувал на интензивна нега и бил поставен на респираторна машина. Од родилиште бил транспортиран во Белград каде е извршена ласерска интервенција поради ретинопатија на прематуритет. Редовно бил следен развојот во развојното советувалиште. Од двеиполгодишна возраст посетува логопед и специјален едукатор и рехабилитатор. Сега со Калин работи само специјален едукатор и рехабилитатор два пати неделно кого семејството приватно го плаќа. После интервенцијата во Белград се контролира на Клиника. Планирана е уште една интервенција, која била одложена поради ковид пандемијата. Минатата година во несреќен случај ја изгубил дисталната фаланга на средниот прст од левата рака.
Развојни фази: Самостојно оди од 2 години. Од 4 години зборува 2-3 двосложни зборови, а од 7 години почнал да зборува со добро развиен говор и комплетни реченици.